Пролет со исти желби: Со домашни играчи до плејоф, европскиот настап за афирмација

РК Пролет во новата сезона влегува со исти амбиции да избори пласман во домашниот плеј-оф и достојно да се претстави во својот деби настап во ЕХФ Купот. Скопскиот суперлигаш е препознатлив како клуб кој по традиција се потпира исклучително на домашни сили и им дава шанса за просперитет на младите македонски ракометари.

Со истиот ростер под водство на тренерот Никола Матлиески, кој минатата сезона го наследи Илија Темелковски на клупата и одлично се вклопи во целиот систем, РК Пролет го продолжува долгорочниот проект.

 

Амбициите ни се исти како и претходната сезона, приоритет ни е домашното првенство и настап во плеј-офот. Секако, не очекува и настапот во ЕХФ Купот што секако е афирмација за нашиот клуб и за нашите играчи. Настојуваме  да го задржиме континуитетот со млади домашни играчи и повторно да влеземе во плеј-оф. Приоритет ни е да го задржиме целиот кадар и успеваме во тоа. Останува отворено само продолжувањето на соработката со Мартин Манасков на кого му истече договорот и во текот на следната недела да договориме и да финализираме дали ќе остане или ќе оди во друг клуб. Во план е во првиот тим да приклучиме и 2-3 млади играчи и да им дадеме шанса. Многу млади играчи се нудат затоа што во Пролет гледаат перспектива за напредок. Задоволни сме од тренерот Никола Матлиески и од начинот на работа и имаме еден долгорочен проект во кој продолжиме по тој курс што го држиме со години. Веќе и играчите го препознаваат тие и сакаат да настапуваат за нашата екипа, што е доволен доказ за работата што ја вршиме“ – истакнува директорот на РК Пролет, Сашо Огњеновски.

Задоволен од работата, од соработката и од атмосферата во Пролет е и тренерот Матлиески. Неговиот систем на работа со младиот состав, минатата сезона ги даде посакуваните резултати, Пролет заврши на четвртата позиција во суперлигашкиот плеј-оф и за прв пат есенва ќе игра во ЕХФ Купот во кој го очекува дуелот со чешкиот шампион Карвина.

Искрено, Карвина не ми беше еден од посакуваните противници. Всушност, немаше и некој избор кој и да паднеше ние бевме аутсајдери таму. Но, сигурно нема да одиме на слепо во овој дуел, ќе направиме анализа, ќе се подготвиме, ќе дадеме максимум. Аутсајдери сме во однос на Карвина. Тие се шампиони на Чешка, имаат подолга историја на настапи на европска сцена. За нас овие два натпревари ќе бидат добар показател да видиме до каде сме со моменталната форма. Главниот акцентот сепак, ќе биде на домашното првенство“ – вели Никола Матлиески.

РК Пролет со подготовките за новата сезона ќе стартува на 15 август. Втората фаза од подготовките од 21 август ќе биде реализирана во Маврово. Според планот на тренерот, во оваа фаза планирано е и одигрување на неколку контролни наттпревари пред стартот на сезоната.

Ќе одиме чекор по чекор. Амбициите на клубот и моите лични амбиции се учество во плеј-офот, па после тоа што ќе видиме како ќе биде. Што се однесува до составот за следната сезона, моја желба е да се засилиме со еден играч. Моја желба е да остане ростерот од минатата година, мислам дека бевме комплетни и добро покриени на сите позиции, да приклучиме уште неколку од младинците. Играчите се навикнаа на мене, јас се навикнав на нив, го знаат мојот стил на работа, што барам од нив. Во од ги решаваме работите, се надевам дека тоа ќе биде долгорочна соработка. Целта ни е да го задржиме тој курс со наши играчи и да успееме да извадиме еден –двајца играчи да излезат на површина да се наметнат, да бидат носители на нашата игра во наредните две – три години“ – истакнува тренерот на РК Пролет.

Се вчитува...