Огромен интерес за ракометниот спектакл: Олимписки, европски и светски шампиони доаѓаат во Скопје!

Големиот ракометен спектакл „Легендите на сцена“ кој на 29. октомври ќе се одржи во Скопје, а како дел од прославата на 20-годишнината на Спортско радио 90,3 ФМ, ќе биде несекојдневна можност на едно место да се видат најголемите македонски и интернационални ракометни ѕвезди. Како никогаш досега бројни ракометни ѕвезди од Европа ќе бидат на едно место.

Како што информираат организаторите огромен е интересот за присуство на настанот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, а билетите се веќе во продажба.

„Во Скопје доаѓаат олимписки, светски и европски шампиони, имиња како Веселин Вујовиќ, Лино Червар, Арпад Штербик, Игор Карачиќ, Иван Чупиќ, Игор Вори, Ренато Вугринец, Мануел Штрлек, Златко Хорват, Петар Ѓорѓиќ, Вуко Борозан, Горан Шпрем, Илија Абутовиќ, Жељко Муса, Данил Шишкарев, Жоан Кањелас… И заедно со нашите најголеми ѕвезди како Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Филип Миркуловски, Петар Ангелов- Диви, Пепи Манасков, Ванчо Димовски, Гоце Георгиевски, Звонко Шундовски и други што оставија длабока трага во нашата репрезентација и клубови. Судии ќе се Драган и Марјан Начевски, и нашите во моментов најдобри судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов“ – информираат организаторите од „Спортско радио 90,3“.

Ракометниот спектакл ќе биде со хуманитарен карактер, многу музика, видео-моменти, изненадувања за публиката и емотивни сцени што ќе ја потсетат Македонија на времињата кога арените гореа од страст.

Во тек е продажбата на билетите, огромен е интересот за пооделните билети кои се поделени во неколку категории – од стандардни седишта до специјална ВИП зона веднаш до теренот, која им овозможува на гледачите буквално да бидат на чекор од легендите.

„Тоа ќе биде уникатно доживување, затоа што ќе можеш да ги слушнеш, видиш и почувствуваш ѕвездите од најблиску. Се надеваме дека салата ќе биде преполна, затоа што овие луѓе го заслужуваат тоа – а и Македонија заслужува една вечер полна со спортска енергија, гордост и аплаузи“ – порачуваат од „Спортско радио 90,3“.

Овој ракометен спектакл ќе се одржи во СЦ „Јане Сандански“ на 29 октомври со почеток во 19 часот.

Билетите за настанот се пуштени во продажба онлајн преку ticketx.com.mk и на билетарата на СЦ Јане Сандански.

Настан: „Ол-стар“ ракомет: Легендите на сцена!
Локација: СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
Датум: 29 октомври 2025
Повод: 20 години Спортско радио 90.3 ФМ

Се вчитува...