Раководството на ГФК Охрид е крајно шокирано од добиените прекршочни казни од СВР-Охрид за организацијата на натпреварот меѓу Охрид и Вардар на СРЦ „Билјанини извори“ кој во рамките на Втората лига – Запад се одигра пред 6.000 навивачи и во извонредна фудбалска атмосфера.
Охриѓани добија неверојатна вкупна казна од 19.500 евра, досега највисока парична казна во историјата кога е во прашање македонскиот спорт. Зачудувачки, прекршочните казни се крајно неразбирливи со смешни измислени прекршоци за наводно ‘немање соодветна безбедносна проценка’ од страна на организаторите на натпреварот.
Од раководството на ГФК Охрид се вчудоневедидени од самата казна но и од висината на истата, која е неприфатлива буквално за сите домашни фудбалски работници.
„Ова е навистина шок за сите нас. Срамно и страшно. Ова е невиден преседан. Вакво нешто не памети македонскиот спорт. Против Вардар имавме еден беспрекорно организиран натпревар во фантастична атмосфера, а поради инцидент во кој ‘Комитите’ најпрво меѓу себе почнуваат физичка пресметка а потоа и со припадниците на МВР, казна добива ГФК Охрид!? И место МВР да биде одговорно за тоа што не успеало да смири гостински навивачи над кои ние немаме контрола, Охрид добива казна!? Ваква парична казна не доделува ниту УЕФА во најквалитетните европски натпреварувања. Ако поединци од СВР-Охрид сакаат да се затвори клубот слободно нека ни кажат, затоа што оваа казна е надвор од секој памет со очигледна тенденциозност. Оваа казна значи само начин за бркање на видни легенди на клубот и поединци кои се вклучија за враќање на Охрид на старите патеки. Ако тоа им е целта, треба отворено да кажат“ – порачуваат видно револтирани од раководството на ГФК Охрид.
Охрид на почетокот од годинава стартуваше со ново раководство на клубот и комплетно нов тим за враќање на старата слава на клубот, што се почувствува веднаш на почетокот на пролетната сезона со одличните резултати, но пред се и со извонредната атмосфера на домашните натпревари и враќањето на публиката на трибините. Но, казните од овој тип без сомнение може да значат и затворање во иднина на вратите за публиката, не само во Охрид но и на останатите фудбалски стадиони во Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА