Огромна трагедија ја потресе утрово Македонија! По избувнат пожар ноќеска околу 3 часот по полноќ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, како што информираат од МВР, има најмалку 51 жртва, млади лица.
На концертот на ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани присуствувале повеќе од 1.500 лица. Пожарот избил во три часот по полноќ, поради несоодветна употреба на пиротехнички средства, по што настанало гушење на присутните, како и стампедо во кое исто така загинале десетина лица.
Поради трагичниот настани сите домашни спортски институции ги одложуваат сите денешни спортски натпревари.
„Фудбалската федерација на Македонија ги одложува сите денешни натпревари во сите конкуренции. Длабоко сме потресени од трагичната несреќа во Кочани во која настрадаа многу млади луѓе. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата и блиските на настраданите. Изразуваме најискрено сочувство и поддршка. Фудбалската федерација на Македонија ги одложува денешните натпревари во сите конкуренции.Дополнително ќе биде одреден датумот за одигрување на одложените мечеви“ – информираат од Фудбалската федерација на Македонија.
Сите свои за денеска планирани натпревари ги одложи и Одбојкарската федерација на Македонија.
„Одбојкарската федерација на Македонија длабоко сочувствува со семејствата и настраданите во големата трагедија во Кочани. Нашите мисли и молитви се со нив во овие тешки моменти! ОФМ ги одложува денешните натпревари во сите категории. Искрено сочувство!“ – напишаа од ОФМ.
Ќе се одложуваат натпреварите и во останатите спортови. Веќе преку социјалните мрежи се проширува и веста дека бројните млади лица присутни во дискотеката во Кочани по кои се трага се и спортисти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА