Најдобрата македонска фудбалска судијка Ива Пројковска, која се наоѓа во групата на 20 елитни судии во Европа, доби големо признание од Судиската комисија на УЕФА. Таа е одредена да биде главен судија на реванш полуфиналниот меч во Лигата на европските шампиони за жени меѓу францускиот шампион ПСЖ и Олимпик Лион. Ќе и помагаат Вјолца Изеири и Сташа Спур од Словенија. Четврти судија ќе биде Јелена Цветковиќ од Србија. Контролор на судењето ќе биде Кристина Гал од Унгарија.
Средбата се игра на 28. април на „Парк на принцовите“ во Париз. Во првиот натпревар победи ПСЖ со 3-2.
Во текот на оваа година ова е петти меч на кој главен судија е Ива Пројковска. Пред тоа судеше на натпреварите: Славија-Сент Полтен, Пари Сен Жермен-Челзи, Англија-Шведска, како и на мечот од машката младинска лига на европските шампиони меѓу АЗ Алкмар и Порто.
Овој месец беа ангажирани и други претставници на ФФМ во УЕФА. Филип Поповски беше делегат на средбата од Конференциската лига на Европа меѓу Бенфика и Олимпик Марсеј (2-1) во Лисабон, додека Роберт Марковиќ се грижеше за безбедноста на мечот од Лига на Европа меѓу ПАОК и Бриж (0-1) во Солун. Емил Божиновски минатата недела во Фиренца го контролираше судењето на средбата од Коференциската лига меѓу Фиорентина и Викторија Плзен.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА