Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ доби огромно признание од Еврокупот со изборот во Топ 3 кандидати за признанието „Ѕвезда во подем“.
Сезонава повеќе од 60 млади кошаркари, до 22 години, беа дел од Еврокупот притоа само 15 од нив, со своите екипи, обезбедувајќи место во Топ 16 фазата. На крајот Еврокупот, согласно индивидуалниот ефект низ натпреварувањето, ги избра најдобрите тројца од кои ќе се бара европската ѕвезда во подем број еден.
21-годишниот Ненад Димитријевиќ сезонава игра во извонредна форма, еден од оние кои ќе останат запаметени по силните бројки преку кои се гледа напредокот во неговата игра во текот на оваа сезона од Еврокупот. Досега има просек од 11.9 поени, со 64.8% реализација во шутот за два поени, и 86.7% од линијата за слободни фрлања, плус и 3.9 асистенции. Тој перформанс е доволен за индекс-рејтинг 12.9 на 14 одиграни натпревари во ова натпреварување.
Уште подобри се неговите бројки во ТОП 16 фазата на Еврокупот. Има просек од 14.поени, со 73.1% на реализација во шутот од поле, како и 4.5 асистенции по меч со „коефициент на полезност“, односно „ПИР“ – 14.5. Неговата реализација за два поени во ТОП 16 е шеста во вкупниот поредок кај најдобрите бекови во Еврокупот.
Како што објаснуваат на сајтот на Еврокупот, „продуктот на младинската школа на Хувентуд“, најдобрата игра ја имаше во 6. коло кога на дуелот против францускиот Нантер реализираше 23 поени.
Противкандидати на македонскиот кошаркар за оваа ласкаво признание на Еврокупот се Мартинас Ечодас, играчот на Ритас од Вилнус, и кошаркарот на германски Улм, Килијан Хајнс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА