Работнички ангажира огромно засилување за пролетниот дел од сезоната. Договор со „романтичарите“ за шестмесечна соработка денеска потпиша македонскиот репрезентативец Ванче Шиков.
„Ванче Шиков е долгогодишен репрезентативец на Македонија и неговите квалитети се несомнени. Драго ни е што успеавме да се договориме и тој во наредните шест месеци ќе го носи дресот на нашиот клуб“, изјави претседателот Драган Поповски, за официјалниот сајт на клубот.
Ванче Шиков одлучи да се врати во Македонија иако имаше понуди и од неколку клубови од Казахстан.
„Постигнавме договор со Работнички и во пролетниот дел од шампионатот ќе го носам дресот на овој клуб. Мислам дека во моментов го одбрав најдоброто решение за мене. Имав неколку понуди и од Казахстан, но не сакав повторно да ми се случи непријатна епизода како во Азербејџан. За мене најважно во овој момент е да играм стандардно и токму затоа го одбрав Работнички. Верувам дека ќе помогнам клубот да ги исполни своите зацртани цели за излез во Европа“, изјави Ванче Шиков.
Тој цела деценија е македонски фудбалски репрезентативец и досега има одиграни 52 натпревари за нашиот национален тим, постигнувајќи и четири гола.
Фото: www.fkrabotnicki.com
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА