Охрид без сила за чудо и против Фени

Фени индустри многу потешко од очекувањата стигна до победа над Охрид, во неизвесна завршница славејќи со 86-81. Слично како и минатиот викенд против МЗТ Скопје, охриѓани повторно покажаа карактер и одлично му парираа на противникот, но се беше попусто кога во клучните моменти немаа сили за пресврт и изненадување во Кавадарци.

Кошаркарите на Фени самите си ја искомпликуваа работата бидејќи во првото полувреме делуваа доминантно, на одмор заминаа со убедливи 47-30, но тренерот Малинков потоа дозволи огромен пад во играта на своите кошаркари. Како што минуваше времето така предноста на Фени се топеше, па на нешто повеќе од една минута до крајот Охрид стигна до само „минус еден“ (80-79). Гостите имаа и напад при 81-79, но Милојевиќ не беше прецизен, по што Фени успеа да го приврши мечот до конечните 86-81.

Јане Петровски имаше дабл-дабл од 20 поени и 10 асистенции, Бакоч го заврши мечот со 20 поени и 10 скокови, додека Фундербург реализираше 18 поени и осум асистенции кај победничкиот тим. Кај Охрид најефикасни беа Крег со 16 и Младеновиќ со 14 поени.

Се вчитува...