Вардар е третиот тим, по Пролет и Еурофарм Пелистер, што има максимални шест бода по првите две кола од ракометниот плејоф откако „црвено-црните“ триумфираа на гостувањето против Охрид (19-23). „Вардарци“ слично како и во првото коло повторно не одиграа на највисоко ниво, но сторија доволно за да стигнат до триумф и да прокнижат нови бодови на табелата.
Охриѓани изненадија со добра игра во раната фаза од натпреварот, во која предводени од одличниот Тот доминираа на теренот, поведувајќи и со три гола предност (6-3, 7-4, 8-5). Вардар успеа да се консолидира, во серија голови влезе Гоце Георгиевски, па гостите од Скопје заминаа на одмор со позитива од 10-11. Како што одминуваше второто полувреме, Вардар играше се поквалитетно, контролирајќи ги случувањата на теренот и зголемувајќи ја сопствената предност (17-22 на осум минути до крајот).
Цврстата одбрана беше заштитен знак на „црвено-црните“ на овој меч, што актуелниот првак го доби со конечни 19-23.
Гоце Георгиевски беше најефикасен во фазата на нападот со осум погодоци, четири постигна Шеваљевиќ, а по трипати прецизни беа Стоилов и Гаџа. Најдобри стрелци во редовите на Охрид беа Тот со седум и Манасков и Кривокапиќ со по три гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА