Со полуфиналните натпревари денеска во Охрид почнува фајнал-фор турнирот во ракометниот Куп на Македонија.
Бранител на трофејот од минатата сезона е РК Алкалоид за кој ова беше прва титула во најмасовното ракометно натпреварување во земјата. Избраниците на Лазаров денеска нема да бидат фаворити во дуелот со најтрофејниот од ова натпреварување РК Вардар.
Во второто полуфинале, актуелниот шампион на Македонија Е. Пелистер ја има фаворитската улога против домаќинот на турнирот ГРК Охрид.
„За Охрид е второ домаќинство на Купот на Македонија, за разлика од претходноиот, овој пат дел е и градскиот тим. Се надевам ќе бидеме добри домаќини. Ќе се обидеме и во иднина да зграбиме шанса повторно да го организираме Купот на Македонија. Посакувам спортска игра, многу среќа и победа на сите тимови“, изјави градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
За претседателот на РФМ, Александар Стефанов, ова е прво натпреварување во неговиот мандат.
„Чест и задоволство ми е да го означиме отворањето на овој „фајнал-фор“ во Охрид. На овој турнир е собран ракометниот крем во Македонија, екипите кои наназад низ годините доминираат и најмногу вложуваат во овој спорт, за успешно да не претставуваат, но и самите себе во Европа. Би сакал да им посакам среќа на сите учесници, во еден ракометен и спортски дух и низ коректна борба да имаме убав турнир. Благодарност до домаќинот за организацијата, се надеваме на успешен завршен турнир. Ги повикувам сите Македонци да дојдат, ова е ракометен празник и викенд. Купот секогаш имал посебен натпреварувачки дух“, изјави Александар Стефанов.
Свое обраќање имаа и претставниците на сите четири учесници на Ф4 во Купот на Македонија…
„Жал ми е што на оваа прес-конференција не зборуваат вистинските актери на овој турнир, односно тренерите и капитеноте. Ќе се обидам како колегите од другите три клуба да ги изнесам општите впечатоци. Алкалоид го брани трофејот, а согласно тоа за нас овој турнир е посебен. Јасно е дека полесно е да освоиш, отколку да обраниш трофеј. Ние се соочуваме со таков предизвик, особено бидејќи прв ривал ни е Вардар кој е претендент за трофејот и во Суперлигата. Само ќе потсетам дека Алкалоид е сериозно хендикепиран во пролетниот дел од сезоната, без многу првотимци кои се повредија. Без разлика со кој состав ќе настапиме, ќе се обидеме да забележиме добар резултат. На сите учесници на Ф4 турнирот им посакувам среќа и успех“, изјави претставникот на актуелниот шампион Алкалоид, Зоран Цветановски.
„Фајнал-форот во Купот на Македонија секогаш претставувал натпреварување кое буди посебни емоции, без разлика што е второстепено во ракометот. Сите го посакуваат пехарот во своите витрини. Еурофарм Пелистер долги години го нема освоено Купот, па сега доаѓаме со амбиции да го освоиме. Купот секогаш ни приредувал изненадувања, а така може да биде и овојпат. Во вакви натпреварувања не секогаш победуваат фаворити, па се подготвувавме максимално за првиот меч со Охрид, а потоа ако се пласираме и на финалето, да го вратиме трофејот по 20 години во Битола“, изјави претставникот на Е. Пелистер, Звонко Шундовски.
„Благодарност до ГРК Охрид и градот за условите, прекрасно е да се биде тука. Првпат на ваков начин се организира прес-конференција пред завршен турнир и тоа треба да биде пракса. Шансите на сите екипи се еднакви, купот е такво натпреварување и кој повеќе ја посакува победата ќе победи. Пресудна е желбата во вакви натпревари. Екипите се тие, доволно се познаваме и имаме многу меѓусебни натпревари. Се надевам се ќе биде во ред, одиме меч по меч. Прво против Алкалоид, да одиграме како што знаеме, а потоа ако стигнеме во финале да го освоиме трофејот“, изјави претставникот на РК Вардар, Андрија Нунев.
„Ние организиравме Ф4 Куп и Суперкуп пред три години, се надевам сите недостатоци кои ги имаше ќе бидат дополнети. Мислам дека сите ќе уживаме во ракометниот викенд. Во име на ГРК Охрид се надевам ќе играме во финалето в недела“, изјави претставникот на домаќинот ГРК Охрид, Славчо Ристески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

