Балканското триатлон првенство и Европскиот куп да бидат на највисоко можно ниво и настаните од ваков тип да станат традиција во Охрид, но и во Македонија. Ова е пораката од организаторите во пресрет на балканскиот собир на најдобрите триатлонци кој во следните два дена ќе се одржува во нашиот туристички центар.
На балканскиот шампионат има околу 200 учесници кои ќе бидат поделени во девет категории. Главниот дел од натпреварите е утре додека рекреативните трки се в недела. Новитет ќе биде штафетниот триатлон кој од 2020 година во Токио ќе биде и олимписка дисциплина. Стартот и целта на трките ќе биде на плажата „Бафало“.
„Триатлонот како спортска дисциплина бара големи организациски активности. Сите ние заедно со подготовки почнавме пред половина година и сигурен сум дека во Охрид ќе имаме настан за кој ќе се прераскажува“ – изјави Иван Михајлоски, претседател на Триатлон федерацијата на Македонија.
„За успешен триатлон ќе треба да ни помогнат и нашите сограѓани кои ќе мораат да бидат трпеливи кога на сила ќе стапи сообраќајниот режим. Сообраќајот по патот за Св. Наум ќе се одвива непречено, но ќе се вози по една лента. Безбедноста на натпреварувачите е најголема наша обврска, бидејќи каков и триатлон да направиме, ако некој се судри и повреди тогаш ништо не сме постигнале. Упатувам уште еден апел до охриѓани и туристите да бидат трпеливи и да ги почитуваат сообраќајните знаци“ – рече првиот човек на Асоцијацијата на спортови, Иван Цветкоски.
Во организацијата на настанот учестува и општина Охрид.
„Ние како локална самоуправа ќе сториме се` што е во наша моќ да го поддржиме овој настан и сите други кои ќе бидат промотори на Охрид. На организаторите им посакувам безбедна на трка, а на натпреварувачи добро здравје и многу среќа“ – вели заменик градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА