Кошаркарите на Охрид направија вистински подвиг откако славеа со 90-100 на гостувањето против Феникс, за огромен триумф што значително ќе ги зголеми шансите на охриѓани во трката за опстанок до крајот на оваа сезона. „Сино-белите“ допатуваа како аутсајдери, но го шокираа домашниот состав со неверојатната прва четвртина во која стигнаа до огромна предност.
Имено, охриѓани во првите 10 минути од мечот успеаја да постигнат дури 39 поени, реализирајќи го речиси секој напад кон противничкиот кош, со шутеви „од прва“ или пак по поправни испити по офанзивните скокови. Првото двоцифрено водство го имаа во петтата минута (5-15), за потоа да заиграат уште пофуриозно до крајот на четвртината, добивајќи ја со преубедливи 15-39.
Очекувано, Феникс се консолидираше, домаќините константно ја намалуваа големата негатива, но стигнаа само до „минус четири“ (85-89) на помалку од три минути до крајот. Охриѓани сепак го издржаа завршниот притисок, погодија неколку важни шутеви и на крајот заслужено се радуваа на победата.
Американецот Андерсон се приклучи на листата кошаркари со трипл-дабл оваа сезона откако реализираше 23 поени, 10 скока и 10 асистенции, 22 поени постигна Лајонс, а 18 Димовски. Во таборот на Феникс најефикасни беа Трајковски со 26 и Рис со 15 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА