Охрид и Е. Пелистер до билети за фајналфор

Охрид и Е. Пелистер му се приклучија на Вардар на завршниот турнир од Купот на Македонија откако овие две екипи ги оправдаа фаворитските улоги на своите четвртфинални турнири.

Охриѓани во финалето за противник го имаа Тиквеш, меч што избраниците на Алушовски го добија со 34-25. Кавадарчани парираа едно полувреме (15-14), но вториот дел мина во апсолутна доминација на охридските ракометари кои на крајот стигнаа до убедлива победа. Орјоникидзе со осум гола беше прв стрелец на победничкиот тим, додека пет погодоци постигна Цицар.

Е. Пелистер се опорави од шокантниот пораз во плејофот од Вардар со две победи на куп-турнирот во Битола. „Зелено-белите“ најпрвин утрово славеа над Куманово со 42-30, за попладнево во финалето на групата да триумфираат и над Радовиш со преубедливи 50-25. Петровиќ ги предводеше стрелците на „пелистерци“ со осум гола, пред Пешевски со седум и Манасков со шест погодоци.

Последниот патник на фајналфор турнирот ќе биде познат по одигрувањето на четвртфиналната група во Скопје во која силите ќе ги одмерат Алкалоид, Мулти Есенс, Пролет и Вардар Неготино.

Се вчитува...