Екипите на Охрид и на Е.Пелистер рутински ги минаа првите пречки во полуфиналето од групната фаза од Купот на Македонија, закажувајќи меѓусебна пресметка што ќе се игра вечерва во 19.30 часот во „Билјанини Извори“ во Охрид, а победникот ќе стигне до билет за завршниот куп-турнир.
Охриѓани први излегоа на терен против Скопје, лесно славејќи со убедливи 40-24. Разликата во квалитет беше огромна, а удобното водство му даде шанса на тренерот Алушовски да уфрли во игра и дел од помладите ракометари во играчкиот ростер. Никола Ристески со десет гола беше најефикасен во победничкиот состав, седум погодоци постигна Шипинкоски, додека прв стрелец на Скопје беше Синиша Павлов со пет погодоци.
Е. Пелистер рутински ја мина првата пречка, совладувајќи го Куманово со резултат 40-21. Битолчани имаа скромни „плус пет“ по првиот дел (17-12), за во вторите 30 минути со фуриозна игра да стигнат до посакуваната победа, но и да сочуваат дел од силите за вечерашното финале. Цветан Кузманоски со десет и Петар Атанасијевиќ со девет гола беа во главна улога во победничкиот состав, додека Костов со седум гола ги предводеше стрелците на кумановци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА