Со денешните натпревари од деветтото коло во Супер-лигата и официјално ќе заврши првиот круг од натпреварувањето во елитното домашно ракометно друштво.
Охрид со поголеми проблеми од очекувањата славеше над Металург 2 со резултат 32-27. Младиот состав од Скопје парираше се до 12-12, кога избраниците на Раде Стојановиќ успеаја да се одлепат, на одмор заминаа со водство од 17-14 и ја одржаа предноста до крајот. Металург2 успеа да се приближи на само еден гол негатива (25-24), но гостите немаа сили за пресврт и сензација на овој натпревар.
Наум Костов со пет гола беше најефикасен кај охриѓани, по четири постигнаа Тасески и Блажески, додека прв стрелец на гостинскиот состав беше Лука Стојановиќ со шест погодоци.
Металург одигра импресивен натпревар, триумфирајќи на гостински терен над Радовиш со убедливи 22-36. Радовишани се надеваа дека би можеле да приредат изненадување за да си ги зголемат шансите за место во плејофот, но „металурзите“ беа на висина на задачата, водеа цел натпревар (12-17 на полувреме) и на крајот заслужено се радуваа на победата.
Милан Поповиќ ги предводеше стрелците на победничкиот тим со шест гола, пред Чантурија и Шилегов со по пет, најефиксен кај Радовиш беше Филип Николов со седум погодоци.
Вардар Јуниор триумфираше на мечот со Пелистер (29-25), нанесувајќи му нов пораз на битолскиот клуб. „Црвено-црните“ беа засилени со дел од младите играчи кои повремено настапуваат за првиот тим во СЕХА, а токму тие беа во главна улога. Кизиќ бранеше одлично на голот, а во нападот Ќосевски постигна осум, а Кукуловски шест гола за Вардар Јуниор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА