Охрид и Тиквеш денеска во ЕХФ Европскиот Куп – Ројевиќ верува во триумф на охриѓани!

Ракометарите на Охрид и на Тиквеш денеска ги очекува стартот на својот европски предизвик, со настапите во ЕХФ Европскиот куп кој минатата година го освоио токму македонскиот – Алкалоид.

Охриѓани во првиот натпревар денеска од 18 часот се соочуваат со екипата на Баки од Азербејџан, во желбата, како што вели тренерот Борис Ројевиќ, со поддршка од навивачите да се дојде до триумф.

„Ги повикувам навивачите да не поддржат во овој двомеч. Овие момци заслужуваат поддршка со она што го покажаа досега. Имаме високи амбиции во ЕХФ Купот. Баки можеби е непознат за нас тим, но успеавме да се подготвиме за средбата. Момците сигурно ќе бидат на високо ниво за да дојдеме до победата. Поквалитетен тим сме и со максимална игра веруваме во триумф. Единствено што искрено сакам е навивачите да веруваат во нас, а ние ќе им возвратиме со успешни настапи“ – вели Ројевиќ.

Ракометарите на Тиквеш, пак, денеска во првиот меч гостуваат на Бешикташ во Турција, во мечот кој стартува од 16 часот.

Се вчитува...