Екипата на Охрид, прва од македонските претставници стартува во европските купови. Охриѓани денеска и утре пред својата публика во салата „Билјанини извори“ ќе ги одиграат двата натпревари против холандскиот Крас Волендам, во првата квалификациска рунда во ЕХФ Купот.
За Охрид ова ќе биде историски прв настап во европските купови. Фактот што и двата натпревари со Волендам ги играат на домашен терен, на охриѓани им дава поголеми шанси пред својата публика да се изборат за пласман во следната рунда во која победникот од овој дуел го очекува Порто.
„Ќе треба да одиграме на високо ниво, најмалку како што одигравме против Алингсас на турнирот во Струга. Ќе бидеме фокусирани на нашата игра. Одигравме добро во подготвителниот период и тоа ни дава надеж дека може да излеземе и како вкупни победници во овој дуел со Волендам. Се надевам дека ќе имаме голема поддршка од нашата публика и дека ќе успееме“ – вели тренерот на Охрид, Горан Андоновски.
Охрид годинава имаше одлична сезона, заврши на првото место во регуларниот дел од Супер лигата, избори пласман во плеј-офот и за прв пат во својата историја клубот ќе настапи во европските купови. Во пресрет на двомечот со Волендам, хендикеп за Охрид ќе биде повредата на Марко Кобетиќ кој се повреди на последниот контролен натпревар со Металург.
За Холанѓаните, македонскиот претставник е „мистериозна екипа“ за која немаат многу податоци, но знаат дека ракометот е спорт број еден во Македонија и дека екипите имаат голема поддршка од публиката.
„Играме против мистериозна екипа, која не ја познаваме воопшто. Едно знаеме, а тоа јас го напоменав и после ждрепката, дека публиката е голем фактор во мечевите. Играчите ќе бидат во фокусот и ќе бидат ѕвезди, бидејќи ракометот е спорт број еден во земјата и на Балканот“ – вели капитенот на Волендам, Леон ван Схи, за нивниот клупски сајт.
Првиот натпревар Охрид-Волендам ќе се одигра денеска со почеток во 19 часот, а реваншот е утре во истиот термин во салата „Билјанини извори“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА