Македонија сепак ќе има учесник во втората лига на АБА, откако Охрид аплицираше и успеа да стане дел од „регионалното кошаркарско семејство“. Иако во прв момент се чинеше дека нема заинтересирани македонски екипи за да бидат дел од второрангираното натпреварување на АБА, челниците на Охрид го прифатија овој предизвик.
Собранието на АБА денеска објави дека Втората лига дефинитивно стартува на почетокот од сезоната 2017/2018, ќе брои 12 екипи, а покрај Охрид сигурни учесници се уште и Крка, Рогашка, Сплит, Босна, Зрињски, Динамик, Борац Чачак, Теодо и Ловќен.
Преостанатите два тима ќе бидат решени преку квалификациски турнири. Првиот турнир ќе се организира за тимови од БиХ и во него ќе учествуваат Младост, Широки бријег и Слобода, а победникот ќе се квалификува за вториот квалификациски турнир на кој ќе учествуваат уште Сутјеска, Вршац и Приморска. Вториот турнир ќе се игра во Лакташи од 27 до 29 септември, а најдобрите два тима ќе обезбедат учество во втората АБА-лига.
Согласно новите правила, шампионот на АБА2 автоматски обезбедува учество во првата лига на АБА за наредната сезона.
Охрид во минатата сезона не успеа да обезбеди ниту влез во Супер-лигата, овој тим не доведе посериозни домашни засилувања во досегашниот дел од преодниот рок, но самиот влез во АБА2 е доволен знак за зголемени амбиции, па се очекува охриѓани во следниот период да доведат квалитетни нови кошаркари со кои би атакувале на победи и на домашната сцена, како и во новоформираното регионално натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА