Охрид неочекувано лесно го победи Бутел

Охрид ја прекина серијата од пет порази во ракометниот плејоф, успевајќи да триумфира на денешниот дуел со Бутел со убедливи 28-19. Гостите од Скопје пристигнаа во Охрид во обид да стигнат до цел плен и да си ги зголемат шансите за излез во Европа, но налетаа на мотивиран противник, кој знаеше што сака и на крајот заслужено стигна до победата.

Од самиот почеток стана јасно дека охриѓани се решени да ја прекинат серијата слаби резултати, отворајќи со 2-0, а нешто подоцна стигнувајќи и до 5-1. Не само што Бутел не успеа да се врати, туку домашните ракометари набрзина поведоа и со 10-5, а на одмор заминаа со убедливи шест гола предност (14-8). Сите надежи за евентуален камбек на гостите потонаа откако Охрид на стартот од второто полувреме стигна и до 18-10, убедлива позитива што избраниците на тренерот Андоноски ја задржаа до самиот крај и конечните „плус девет“.

Дрогришки, Рустамов и Цицар со по пет гола беа најефикасни во победничкиот тим, додека прв стрелец на Бутел при вечерашниот убедлив пораз беше Мајиќ со пет погодоци.

Се вчитува...