Охрид останува перфектен и по петтото суперлигашко коло откако тимот предводен од Стевче Алушовски рутински славеше на „езерското дерби“ против Струга, и тоа како гостин со резултат 17-31. Стружани во минатото знаеја да им создаваат проблеми на ракометарите на Охрид, но тоа денеска не беше случај, гостите рутински ја оправдаа фаворитската улога и прокнижија нови бодови.
Охриѓани тргнаа фуриозно од самиот почеток, отворајќи со убедливи 2-7, позитива што ја зголемија и на 4-11. Опуштањето пред крајот на полувремето им овозможи на домашните ракометари да се приближат и на одмор да заминат со четири гола разлика (8-12), но тоа беше се што Струга успеа да стори на овој меч. Второто полувреме почна со серија од 1-4 на гостите, како што одминуваше времето така и предноста на оваа екипа се зголемуваше, па тимот на тренерот Алушовски на крајот славеше со конечни 14 гола разлика.
Екс-репрезентативецот Гоце Ојлески беше во главна улога на овој натпревар постигнувајќи девет погодоци, пет реализираше Крстевски, додека кај Струга најефикасен беше Пајкоски со четири постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА