Охрид повторно е третопласиран на табелата во ракометниот плејоф откако тимот на Стевче Алушовски вечерва славеше над Бутел со резултат 33-29 во последниот меч од осмото коло од ова натпреварување. Охриѓани ја имаа фаворитската улога на овој меч што знаеја како да ја оправдаат на терен, уште во првото полувреме одлепувајќи се резултатски и потоа не дозволувајќи гостите да се вратат во натпреварот.
Само десетина минути беа доволни за Охрид да наметне ритам што гостите не можеа да го следат, откако „сино-белите“ отворија експресно со 2-0, за нешто подоцна да поведат со 6-2. Бутел се разбуди и кон средината на првото полувреме успеа да намали на 11-9 и 12-10, но следеа нови три гола во низа на домашниот состав, кој се одлепи на 15-10 и на одмор замина со удобни 18-13. Вторите 30 минути беа рутина за избраниците на Алушовски, кои не дозволија разликата во ниту еден момент да се спушти под четири гола и лесно ги осигураа новите бодови.
Цирар со шест гола беше најдобар стрелец на Охрид на овој натпревар, по пет постигнаа Ојлески и Јукиќ, додека Филип Николов со девет гола беше најдобар поединец во таборот на Бутел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА