Охрид ја забележа првата победа во плејофот од ракометниот шампионат, на гостински терен совладувајќи го тимот на Пролет со 26-28, доаѓајќи до значајни бодови против директниот ривал во борбата за највисок пласман. Охриѓани со овој резултат ја продолжија серијата добри игри во меѓусебните пресметки со Пролет, откако славеа и на двете суперлигашки пресметки со истиот ривал.
Двете екипи се менуваа во водство во израмнетите први дваесетина минути во кои ниту еден од ривалите не поведе со повеќе од еден гол разлика. Пролет пропушти таква шанса кога при водство од 9-8 со играч повеќе Палевски не реализираше од крило, по што Охрид влезе во фуриозен финиш на полувремето. Одбраната на гостите функционираше беспрекорно, Пролет во последните единаесет минути постигна само еден гол, а Охрид замина на одмор со убедлива предност од 10-14.
Вториот дел почна со гол за гостите на Мартин Манасков, воедно и исклучување на Михаил Аларов, второ за пивотот на Пролет. Избраниците на Раде Стојановиќ одиграа одлично во нападот, контролирајќи го резултатот, принудувајќи го Матлиески да побара тајмаут при резултат 14-20 во раната фаза од второто полувреме. Судиите Ќаеви непотребно внесоа тензија на теренот со неколку дискутабилни одлуки, исклучувајќи го Пејовиќ иако бекот на Пролет остана раскрварен од дуелот, а во следниот напад давајќи две минути и на клупата на Пролет, оставајќи ги домаќините со само тројца играчи во поле. Охриѓани знаеја како да го искористат овој подарок од арбитрите, експресно стигнувајќи до „плус пет“ (17-22).
Домаќините заиграа далеку подобро во одбраната и успеаја да се приближат на „минус два“(21-23). Разликата до крајот на мечот се движеше меѓу два и три гола, за Пролет на 90 секунди до крајот да намали на еден гол (26-27). Домашните ракометари имаа и напад за израмнување, но ја загубија топката, по што Тот стави печат на триумфот на гостите.
Токму Тот со десет гола, заедно со голманот Брауновиќ беше најзаслужен за големата победа на охриѓани. Во редовите на Пролет најефикасни беа Потиќ со осум и Пецаковски со пет гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА