Охрид се засили со Ујкан Муча и голманот Мирселоски

Второлигашот Охрид активно тргна низ јануарскиот трансфер прозорец, ангажирајќи го и второто засилување за пролетниот дел од сезоната. Охриѓани се договорија со 19-годишниот Ујкан Муча кој доаѓа од редовите на Кораб. Претходно Охрид го ангажираше и голманот Раиф Мирселоски.

„По искусен голман се одлучивме екипата да ја засилиме со млад и пред се квалитетен фудбалер. Ујкан Муча иако млад има второлигашки натпревари во своите нозе и сигурен сум дека ќе ни биде од голема помош за втората полусезона“ истакна спортскиот директор на Охрид, Александар Мартиноски.

Муча кариерата ја почнал во Кораб, а како кадет се преселил во охридскиот огранок од Академија Пандев каде поминал две и пол години. 19-годишниот Муча бил дел од младинската екипа на Шкендија и тренинг кампот на швајцарски Цирих. Есенската полусезона во дресот на Кораб постигна два погодоци, а минатата ја заврши со вкупно девет голови.

Голманот Раиф Мирселоски, пак, доаѓа од кичевски Велазерими, каде ги помина последниве шест месеци од кариерата.

„Веднаш ја прифатив понудата од Охрид, бидејќи многу брзо најдовме заеднички јазик со управата на клубот. Со моето искуство и квалитет се надевам ќе му помогнам на клубот да стигне до посакуваната цел – опстанок во Втората лига“ изјави Мирселоски.

Се вчитува...