Новото раководство на Охрид предводено од легендите на охридскиот и македонскиот фудбал Данчо Целески и Гоце Толески, максимално ја стартуваше својата активност на чело на клубот во желбата за комплетна реорганизација и во административниот и во спортскиот дел.
Паралелно со активностите околу стабилизацијата на организацискиот дел на клубот, новото раководство изминатиов период, далеку од очите на јавноста, беше целосно фокусирано на комплетирање на играчките редови како начин за успешно заокружување на сезоната и обезбедување опстанок во второлигашкото друштво.
Целески и Толески за пролетниот дел од шампионатот ангажираа дури 13 нови засилувања на тимот со кои Охрид треба да има повеќе од респектабилна улога на фудбалската сцена во продолжението од сезоната. Нови засилувања на Охрид се докажаните фудбалски имиња на домашната сцена: дефанзивецот Арбен Тафа кој доаѓа од Велешта, стоперот Христијан Митрески од Слога Виница, голманот Дамјан Серафимов од Македонија ЃП, напаѓачот Роберт Митев од Силекс, левиот бек Марко Стојчески од Кадино, десниот бек Самед Кадриоски од Велешта, напаѓачот Александар Целески од Кораб, стоперот Мартин Лекоски како и фудбалерот од средниот ред Меритон Мерко, повратник од албанското првенство.
Охрид, со новите челници, мислејќи и на иднината на клубот ангажираше и млади имиња како влог во иднината, стоперот Филип Ѓоргоски и напаѓачот Лео Андрески кои доаѓаат од Вардар, како и фудбалерите од средниот ред, Дамјан Ќосески и Ален Максути кои доаѓаат од еден од најдобрите клубови за млади таленти во земјава, Њустарс од Скопје.
„Основната наша определба е конечно вистинска стабилизација на Охрид чија првична цел за оваа сезона е секако опстанокот во второлигашката конкуренција. Токму во таа насока се засилувањата на тимот, но паралелно со резултатскиот императив се оди и со континуиран влог во иднината во клубот поради што во тимот се враќаат млади фудбалери кои на долг рок се вистинска перспектива на клубот. За пролетниот дел од сезоната планираме ангажман на уште еден нов фудбалер, со што комплетно би се заокружил ростерот на тимот. Квалитетен и стабилен Охрид е потребен за македонскиот фудбал, и токму тоа се нашите идеи и цели околу реорганизацијата на тимот“ – вели за ЕКИПА, Данчо Целески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА