Цветкоски: „Охрид трчаТ“ е тотална спротивност на генералното ‘охридско однесување’… Го отвораме Охрид за сите!

Македонија, да бидеме објективни, е скромна по бројот на вистински спортски манифестации за восхит… Охрид, пак, дополнително ако се погледнат природните предуслови кои ги нуди самиот, за жал, е повеќе од инфериорен на спортски план… Токму затоа, се чини атлетската манифестација “Охрид трчаТ“ е нешто кое избликна само од себе и веќе, по само две години одржување, се издвојува како препознатлив бренд на домашната спортска сцена. За еден од идејните творци на манифестацијата и директор на „Охрид трчаТ“, Иван Цветкоски сето тоа е само мотив повеќе за уште поголем негов влог во спортот во иднина како начин за дополнителна промоција и на нашиот најголем туристички центар.

* Која е тајната на еден таков драматичен раст на манифестацијата по толку кратко постоење, во ситуација кога години со ред, пак, македонската атлетика објективно стагнира на генерално ниво?

„Тајната е во голем ентузијазам, љубов спрема охридското, искуство, визија, посветеност, тимска работа и пред се желбата за еден поинаков Охрид, град кој ќе се вбројува помеѓу атрактивните и познати меѓународни спортски дестинации, познати по квалитетната организација на уличните градски трки, полумаратони и маратони. Драматичниот раст ако можиме така да заклучиме се должи и на рапидниот раст на тркачката заедница, граѓаните конечно сватија, без разлика дали е од помодарство или од развој на свеста, дека трчањето е вредно и треба да биде дел од нивниот  начин на живот. Секако тука е и Скопски маратон кој навистина во сите овие 15 години традиција направи многу во афирмирањето на трчањето кај нас, и на организаторите кои ја започнуваат својата традиција последните години многу ни го олеснија патот до успехот.“

* Од каде идејата за еден ваков настан во Охрид? Како се почна? Кои се творците и креативците на Охрид трчаТ?

„Како почна? Идеја, творци, креативци, што да Ви кажам тоа за нас не е тема за дискусија битно започна, а започна со средба на истомисленици на кои им пукна филмот од летаргијата и некреативноста на охридското секојдневие исполнето со бесцелно трошење на часови и часови живот на кафиња и бистрење на политики за нашето живеење. Спецификите на Охрид и неговото природно и културно богатство во многу ни помогнаа и не насочија во која насока треба да одиме. Поврзувањето на нашето охридско богатство со потребите на заедницата и нашето искуство го родија Охрид трчаТ, со големо Т на крај, со цивилизациска патека која е стара неколку илјади години, со позитивна енергија која Охрид не ја видел, со креативност и посветеност како никогаш до сега.“

ОВАА ГОДИНА ДВА КОНЦЕРТИ, НОЌНА ТРКА, ДОНАТОРСКА ЗАБАВА, КРСТАРЕЊЕ СО БРОД ДО СВ. НАУМ….

* За оваа година се најавува незаборавен викенд за сите учесници, но и присутните на охридското крајбрежје. Може ли да ни откриете дел од изненадувањата?

„Оваа година го правиме тоа што ни беше замислено од  самиот почеток, Охрид и ние како организација, да понудиме спортски настан за цел викенд исполнет со активности и настани од петок до недела со  многу трчање, музика, дружење, едукација, забава, промоции и многу позитивна енергија. Ќе имаме два концерти еден ноќе еден дење, ќе имаме ноќна рекреативна трка од 2 км како старт на Охрид трчаТ викендот,ќе имаме донаторска паста забава, ќе имаме технички состанок за сите учесници, панел дискусија која ќе понуди многу интересни говорници кои сум убеден ќе привлечат многу внимание, ќе имаме коктел на брод, ќе понудиме возење со брод до Св. Наум, разгледување на стариот град и уште многу многу интересни и креативни изненадувања верувам од интерес на сите учесници и партнери на Охрид трчаТ“.

* Може ли да ни кажете дел од имињата промотори на атлетскиот викенд?

„Кај нас промотори се самите учесници, пријателите на Охрид од каде и да се, волонтерите и многубројната екипа која стои позади Охрид трчаТ, нивните креативни објави на социјалните мрежи, убавиот збор, поддршката и советите кои стигнуваат од нив ни овозможуваат да се промовираме на секој начин и на секаде. Само еден пример ќе Ви кажам, како гостин и учесник оваа година ќе го имаме еден од најискусните и најдобри спортски атлетски коментатори и репортери во Европа, тој доаѓа од Холандија и заслуга за тоа има нашиот Охрид трчаТ промотер кој живее во Холандија и е со потекло од Охрид, Владо Вељановски“. 

* Се шири ли интересот за маратонот и надвор од границите на Македонија?

„Ние како организација многу амбициозно започнавме да го афирмираме нашиот бренд Охрид трчаТ и надвор од границите на Македонија и верувајте начинот и стилот на кој го правиме тоа е нов за Македонија и за организаторите од Македонија и многу ни е мило што е прифатен и се прифаќа се повеќе и повеќе од страна на нашите поддржувачи, пријатели и партнери на Охрид трчаТ. Софија, Дубровник, Мостар, Љубљана, Белград се градовите каде до сега или сме биле или ќе одиме, за велигден сме во Дубровник на Du motion running days, ќе сме тим од 35 амбасадори на Охрид трчаТ, кои ќе ги презентираат настанот Охрид трчаТ, Охрид и Македонија и секако ќе се дружат и забавуваат  и ќе уживаат во убавините на Дубровник“.

* Како Асоцијација на спортови од Охрид, и наспроти сериозниот ангажман кој го бара „Охрид трчаТ“ не останувате само на тоа. Оваа година стартувате и со „Охрид треил“ а веќе постојано сте активни и со организацијата на меѓународните купови во триатлон како спортска дисциплина која интензивно посакувате да ја заживеете посебно во Охрид…

„Токму така, не застанавме само на Охрид трчаТ, планинска трка и натпревар во триатлон се нашата желба уште на самиот почеток. Ние како организација или како тим сме тотална спротивност на нашето денешно генерално охридско однесување, ние го отвараме Охрид за соработка со други организации, ние учиме од другите кога е во прашање иднината на Охрид, ние соработуваме со „скопјанчиштата“ и и пркосиме на охридската традиција зошто и тоа е иднината на Охрид, ние ја отвораме вратата на Охрид и за нас, за да излезиме и да освојуваме како тим, но и да дојдат за да покажиме што имаме и знаеме. Охрид треил и триатлонот се спортски манифестации кои токму поради нашиот начин на делување се родија и го започнаа својот живот и заедно со Охрид трчаТ ја заокружуваат нашата визија и стратегија за градењето на спортско – европски Охрид. Тука посебно сакам да им се заблагодарам на нашите партнери во реализацијата на триатлонот и Охрид треил, Македонската триатлон федерација и здружението за спортови во природа ТРЕКС со кои како тим имаме одлична соработка и како технички организатори и како коорганизатори и сме убедени дека сме на вистинскот пат да направиме многу во поглед на афирмација и промоција на Охрид и Македонија а посебно во насока на развојот на спортот и вредностите на спортот кај нас“.

* Колку за Охрид значат вистински сите овие нови спортски настани?

„За Охрид и не само за Охрид и за Македонија значат многу новите спортски настани и не само тие, традиционалните спортски настани, училишните спортски настани, рекреативните спортски настани го имаат истото значење и затоа сите тие треба да се негуваат, поддржуваат и развиваат бидејќи бенефитот е огромен на секое поле. Тие поттикнуваат економски раст, го развиваат спортскиот туризам, ја прошируваат туристичката сезона, го афирмираат природното и културно богатство на Охрид и Македонија,го потикнуваат социјализирањето, ја подигнуваат и развиваат свеста за здрави животни навики, ја подобруваат продуктивноста кај граѓаните и уште многу многу други бенефити постојат со организизрањето на спортските настани. Тоа општеството треба и мора да го препознае, како државните и локалните институции така и приватниот сектор“.

БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА ВО МАКЕДОНИЈА Е ДАЛЕКУ ОД СВЕСНА ЗА ОПШТЕСТВЕНАТА ОДГОВОРНОСТ

* Се чини, наспроти природните услови кои ги има, како Охрид да е оставен на маргините на домашната спортска карта. Како долгогодишен спортски работник, се знае ли точно каде лежат причините за тоа? Има ли поддршка охридскиот спорт од локалната самоуправа

„Одговорот на овие неколку прашање не е едноставен и не може да се искаже во неколку реченици. Спортот генерално како и сите други сегменти од нашето живеење е на тоа место на кое е и самото општество, така што Охрид не е исклучок на оваа состојба која ја имаме во државата. Охрид има уште поголема специфика кога се говори за спортот која за жал е негативна и за која сме виновни во голем дел ние охриѓаните поради нашето немање стратегија и визија што сакаме и каде сакаме да одиме во делот на спортот. Мора да напоменам дека Локалната самоуправа во последните години има тенденција на се поголемо вклучување во спортот, оваа година буџетот за спорт на Општината Охрид е најголем до сега и искрено се надевам дека тука нема да се застане. Порастот мора да е во нагорна линија бидејќи процентуално ако се гледа сеуште сме на многу ниско ниво кога ќе се споредуваме барем со балканските градови но од друга страна мора и ние како спортски работници и оперативци во спортот повеќе да ги засукаме ракавите, да бидеме спремни и подготвени тој раста да го пратиме и соодветно да и враќаме на заедницата како во делот на развојот на училишниот спорт, рекреацијата, здравите навики кај детската популација така и во развојот на спортскиот туризам, школско-клубскиот спорт и професионалниот спорт“.

* Колку, пак, бизнис заедница во Македонија е свесна за потребата да се биде општествено одговорен?

„Што се однесува на локалната и националната бизнис заедница посебно првите 100 компании за жал сеуште не се доволно свесни за потребата да бидат општествено одговорни кон заедницата и да го гледаат локалниот и национален интерес а јас би додал пред се нивниот. На годишно ниво за општествена одговорност компаниите во Македонија трошат  многу малку доколку споредиме колкаво е учеството нивно во споредба со соседните држави да не одиме подалеку ќе видиме дека сме далеку назад. Покрај ова многу малку компании се подготвени да водат долгорочна политика на општествена одговорност што директно влијае на растот и развојот на спортот и спортските настани во Македонија. Бизнис заедницата мора да разбере дека нема подобра реклама за една компанија или еден производ од инвестирање во спорт и спортските настани. Инвестирање едно евро во спортот и спортските настани враќаат три до пет пати повеќе во самите компании а да не заборавиме дополнително на тоа влијаете на развојот на свеста, културата на спортување, градите здрава нација, афирмирате, промовирате, ја зголемувате работната продуктивност и го зголемувате економскиот бенефит на заедницата на која припаѓате“.

Се вчитува...