Охридско славје во езерското ракометно дерби

Ракометарите на Охрид ја оправдаа фаворитската улога на „езерското дерби“ против Струга, рутински триумфирајќи со 31-24. Охриѓани веќе се пласирани во плејофот, стружани допрва ги очекува тешка битка за опстанок, а на денешниот дуел изостана препознатливата атмосфера во „Билјанини Извори“, поради забраната за присуство на публика по препораките за заштита од ширење на коронавирусот.

Стружани изненадувачки беа достоен противник во првите дваесетина минути, период во кој резултатот гласеше 9-9. Охрид заигра нешто подобро во завршниот период од полувремето, на одмор замина со водство од 15-10, по што избраниците на тренерот Стојановиќ рутински го одиграа вториот дел, на крајот заслужено радувајќи се на победата.

Бобан Блажевски со девет гола беше најефикасен во победничката екипа, додека кај Струга прв стрелец на оваа средба беше Цветан Кузманоски со седум погодоци.

Се вчитува...