Ракометарите на Охрид со нетрпение го очекуваат дуелот против Струга (сабота, 19.30 часот), решени да триумфираат на „езерското дерби“ кое има дополнително значење и за двата клуба.
„Една од причините поради кои го засакав ракометот се дуелите меѓу Охрид и Струга. Моите почетоци се поврзани со ова дерби и знам дека овде триумф вреди многу повеќе од трите бода. Очекувам неизвесен дуел, верувам во нашите квалитети и во победа на крајот“ – изјави Иван Тасески.
Верните навивачи на Охрид, популарните „Рибари“, ги изненадија своите миленици со присуство на вчерашниот тренинг, за мотив повеќе пред локалното дерби.
„Посетата на тренинг не донесе на раб на солзи. Јас лично на своја кожа ја чувствувам еуфоријата во пресрет на големото дерби, последните денови сите зборуваат за овој дуел. Исто како и Тасески, и јас верувам во нашиот квалитет и можам да најавам атак на победата“ – истакна Славиша Димитријески.
„Езерското“ дерби ќе има хуманитарен карактер, откако клубот одлучи дел од средствата од билетите да ги донира за помош на Сара Настеска, која треба да се лекува во Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА