Охриѓани веруваат во триумф против Пелистер, Скопје и Лабуништа во дербито на Западот

Охрид заедно со Кадино се двете последнопласирани екипи на стартот од новата сезона во Втората лига – Запад без ниту еден освоен бод. Но, охриѓани веруваат дека мора да дојде крај на лошата низа. Силен мотив за први бодови постои за денешниот дуел од 4. коло против Пелистер, иако се свесни дека битолчани се големи фаворити.

„Пелистер на гости ни доаѓа во најлошиот момент за нас. Меѓутоа и покрај лошите резултати на стартот од сезоната, мора и треба да најдеме мотивација да одиграме еден добар натпревар со срце и да покажеме дека не случајно сме дел од Втората лига. Трите порази се еден вид трезнење за нас. Да видиме дека нема лесен меч, нема лесен противник и нема лесни бодови. Извлековме многу поуки од трите порази и се надевам дека против Пелистер ќе го покажиме вистинско лице“ – вели тренерот на Охрид, Марино Маркоски.

Дефанзивецот во охридскиот состав, Мартин Лекоски смета дека борбата за бодови допрва претстои и оти не е ништо загубено…

„Моментално сме во резултаската криза, но атмосферата не е нарушена и тоа ни дава многу надеж. Младоста во екипата и невоиграноста си го направи своето на почетокот на сезоната и исто така и притисокот имаше влијание. Не е ништо загубено. Не очекува дуел со Пелистер кој има големи амбиции и очекувања. Ќе биде супер натпревар како за нас, така и за гледачите кои ќе имаат можност да уживаат“ – вели Лекоски.

Во останатите денешни дуели на Западот повеќе од интересно ќе биде и во Автокоманда, каде Скопје го пречекува тимот на Лабуништа.

ВТОРА ЛИГА – ЗАПАД – 4. КОЛО (денеска, 15:30 ч.)

Велазерими – Вардар Форино

Охрид Лихнидос – Пелистер

Дрита – Кадино

Скопје – Лабуништа

Гостивар – Кораби

Се вчитува...