Ракометарите на Работник нанижаа осум победи во ракометната Супер-лига, но погледите на битолскиот клуб сега се насочени кон Еврокупот каде македонскиот претставник за ривал ќе ја има екипата на Берн. Првиот натпревар на програмата е претстојниот викенд во Битола, каде „фармацевтите“ ќе се обидат да ја искористат предноста на домашниот терен и да си создадат солидна предност пред реваншот во Швајцарија.
„Победите на домашната сцена ни ја зголемија самодовербата во пресрет на овој двомеч со Берн. Имаме многу информации за овој противник, кој игра модерен ракомет и инсистира на брза игра. Во позиционен напад најчесто одговорноста ја презема левиот бек, кој е исклучително опасен шутер од сите можни позиции и ќе требаме да го неутрализираме. Брзата игра е одлика на Берн, на нас ќе биде да го намалиме темпото и да го спуштиме противникот на што помал број на голови. Тоа сепак ќе биде само прво полувреме, патникот во следната фаза ќе се реши на реваншот во Швајцарија, но ние сме подготвени низ два добри натпревари да ја минеме оваа пречка и да оствариме историски пласман“ – изјави македонскиот репрезентативец во дресот на Работник, Гоце Ојлески.
Победникот од овој двомеч ќе обезбеди место во групната фаза од ЕХФ Купот, каде би го очекувале нови шест квалитетни натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

