Отокот на ногата на Дејан Манасков, по она непријатно нагазување што го доби ви дуелот со Тунис, е една од непланираните грижи за селекторот Лино Червар во пресрет на утрешниот дуел со Ангола. Манасков денеска тренираше на своја иницијатива под посебен режим, но се уште е неизвесно каква ќе биде неговата состојба за утрешниот меч. Неговата замена на левата крилна позиција, Гоце Ојлески, подготвен е да помогне се да тече во најдобар ред и доколку Манасков не може да настапи на претстојниот натпревар.
„Се надевам дека се ќе биде во ред со повредата на Деки (Манасков н.з.), но доколку има потреба подготвен сум, секако дека ќе дадам се од себе да помогнам. Мислам дека има подобрување, денеска нема да тренира интензивно, да одмори за утре и дека ќе биде добро. Јас сум тука подготвен да помогнам се што треба“ – вели Гоце Ојлески.
Македонските репрезентативци денеска имаа еден полесен утрински тренинг и втор поладневен во локалната сала што е во близина на нивниот хотел, на дваесетина километри од Мец. Ангола беше простудирана на нивниот прв меч против Словенија, а на попладневниот тренинг на нашата селекција акцентиот беше сатвен главно на тактичката подготовка за утрешниот дуел.
„Ангола има корпулентни и физички добро подготвени играчи, таква е нивната конституција, но мислам дека тактички и технички не се на некое високо ниво и тоа е нивната слабост. Видовме дека играат цврсто во одбрана и тука треба да ја искористиме нашата тактичка подготвеност. Мислам дека имаме доволно сила и квалитет да се избориме за позитивен резултат во овој дуел“ – истакнува левото крило на македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА