Македонските ракометари ја одработуваат завршната фаза од подготовките пред настапот на Европското првенство во Хрватска. Во првиот натпревар, за точно десет дена, „црвено-жолтите“ ги очекува дуелот со Словенија. Фокусот на тактичкиот дел од подготовките веќе е насочен кон овој прв натпревар кој од многу аспекти ќе биде исклучително важен за македонската репрезентација.
„Добро работевме изминативе денови, сега почнуваме повеќе да се подготвуваме на тактички план, посебно за првиот натпревар со Словенија. Атмосферата има, подготовките се одвиваат според планот, комплетни сме нема повреди и се надевам така ќе биде и понатаму и максимално подготвени ќе стартуваме на ЕП“ – вели левото крило, Гоце Ојлески.
Македонија и Словенија играа меѓусебе и лани во групната фаза од СП во Франција. Во тој дуел Словенците славеа со 29-22, а на крај завршија со бронзениот медал на шампионатот. Но, според Ојлевски, односот на силите сега е малку поразличен. Делумно поразличен е и составот кој лани го предводеше Лино Червар и пред се тактичката подготвеност на репрезентацијата сега под водство на селекторот Раул Гонзалес.
„Мислам дека сега сме позрели како репрезентација и тактички многуи подобро подготвени во однос на лани пред СП во Франција. Со Раул Гонзалес функционираме беспрекорно, посебно на тактички план. Се е под контрола и секој знае точно што треба да одигра, каде да затвори. Се надевам дека така ќе фунцкионираме и на ЕП. За нас ќе биде многу важен првиот натпревар со Словенија, да одиграме добро и да се обидеме да ги освоиме бодовите. Во споредба со лани кога игравме на СП во Франција, Словенија ќе биде без неколку повредени играчи, а ние сме комплетни и во дуелот влегуваме тактички многу поподготвени. Фокусирани сме на овој прв дуел, а потоа одиме натпревар по натпревар“ – истакнува Ојлески.
ЕП во Хрватска ќе се одржи од 12 до 28 јануари. Во прелиминарната фаза, Македонија ќе игра во групата Ц во Загреб. Првиот дуел е против слеекцијата на Словенија на 13 јануари, на 15 јануари следува натпреварот со Црна Гора, а на 17 јануари пресметката со актуелниот европски шампион Германија. Првите три селекции од групата го продолжуваат настапот во втората фаза на ЕП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА