ОЈО поднесе обвинение за тепачот на малолетни фудбалери во Штип

Основното јавно обвинителство во Штип ја информираше јавноста дека поднела Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело насилство како резултат на инцидентот од невидени размени на младинскиот натпревар помеѓу Брегалница и Шкупи.

Станува збор за скопјанец, таткото на младиот фудбалер на Шкупи кој поради незадоволство од судиските одлуки влета во теренот и физички нападна млади фудбалери на противничката екипа нанесувајќи им телесни повреди.

„На 24 август, на фудбалскиот стадион “Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалскиот натпревар помеѓу пионерските екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ од Штип и „Шкупи“ од Скопје, обвинетиот со грубо насилство ја загрозил сигурноста на оштетените две 15-годишни деца, кои биле играчи во тимот на ФК “Брегалница“.

На децата им нанел телесни повреди, а кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.

Настанот се случил во 89-тата минута од натпреварот, која судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на обвинетиот, кој играл за „Шкупи“.

Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на „Брегалница“. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот.

Јавниот обвинител до Основниот суд во Штип достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот“, стои во соопштението на ОЈО.

Се вчитува...