ОК Весна Пробиштип: Време е да се стави ред во функционирањето на ОФМ!

Дербито од Првата одбојкарска лига на Македонија меѓу Вардар и Весна Пробиштип изминатиов викенд не го дочека својот крај откако пробиштипјани револтирани од случувањата на паркетот се одлучија предвреме да се повлечат од мечот.

Сега преку официјално соопштение од ОК Весна Пробиштип информираат за причините за напуштање на натпреварот, потенцирајќи дека е време конечно да се стави ред во функционирањето на Одбојкарската федерација на Македонија.

Соопштението од ОК Весна Пробиштип до нашата редакција ви го пренесуваме во целост:

Почитувани,

Поминаа и два дена од одигрувањето на дерби натпреварот со ОК Вардар во Скопје и со ладни глави размислуваме и повторно си го поставуваме прашањето: НА КОГО МУ СМЕТА ОК ВЕСНА ПРОБИШТИП !?

Во нашето неколкугодишно постоење сме одиграле многу натпревари и неколку финалиња на кои сме загубиле од противникот меѓутоа спортски и коректно сме подале рака и сме честитале, на ова е сведок целата спортска јавност и ОФМ. Исто така како спортски колектив се трудиме да го подигнеме квалитет на водење и организација на еден спортски клуб на едно повисоко ниво и од организациски и од финансиски аспект. Меѓутоа на дерби натпреварот со ОК Вардар во Скопје иако свесни дека ќе бидеме казнети со одземање на бодови и најверојатно парично, одлучивме да го напуштиме натпреварот. Трпеливоста и толеранцијата на тенденциозното судење уште од самиот почеток на натпреварот ја прели чашата. Би сакале да поставиме неколку прашања (на кои најверојатно и нема да добиеме одговор):

– Зошто на дерби натпреварот во есенскиот дел на ОК Пробиштип,  против ОК Струмица во Струмица му беа делегирани струмички судии на кои исто така имаше тендециозно судење?

– Зошто на дерби натпреварот во пролетниот дел на ОК Пробиштип против ОК Вардар во Скопје му беа делегирани скопски судии?

– Иако немаше доктор, немаше полиција, неправилно обележана сала, зошто главниот судија кој е и во својство на делегат дозволи натпреварот воопшто да започне со сите овие недостатоци ?

– Дали лицето Дејан Симовски кој што е истовремено и член на ОК Вардар и комесар за натпреварување при ОФМ иницира одреден судир на интереси?

И во есенскиот дел ОК Пробиштип загуби од ОК Вардар на домашен терен но спортски подаде рака, честиташе и го призна поразот без никакви тензии.

Свесни сме дека со оваа изјава нема да добиеме ништо меѓутоа редно време е да се стави ред во функционирањето на ОФМ. Исто така сакаме да се знае дека и покрај се, нема да се откажеме од оваа борба и ќе продолжиме спортски да се бориме до крај. ОК Пробиштип бил и секогаш ќе биде за развивање на спортот.

Спортски поздрав,

ОК Весна Пробиштип

Се вчитува...