Oкслејд-Чембрлен се сели во Челси за 35 милиони фунти

Челси конечно ги договори условите со Арсенал за ангажманот на англискиот репрезентативец, Алекс Окслејд-Чембрлен. Актуелниот англиски шампион ќе исплати 35 милиони фунти на градскиот ривал, јавува „Скај спортс“.

24-годишниот фудбалер пред неколку дена одби да потпише нов договор со „топчиите“ вреден 180.000 фунти неделно, сметајќи дека и покрај високата сума нема да ја добива потребната минутажа кај Венгер. Една од причините за неговото заминување и одлуката на францускиот стратег да користи нова тактика, односно формација во која Чембрлен не може да игра на својата омилена и природна позиција во средниот ред, туку беше користен како десен бек.

Чембрлен моментално е со англиската репрезентација каде се подготвува за претстојните квалификациски натпревари за СП, но ќе добие дозвола да ги обави медицинските прегледи и да го комплетира трансферот пред крајот на преодниот рок.

Венгер даде зелено светло за овој играч да си замине на помалку од 12 месеци пред крајот на договорот, па останува да се види дали Французинот ќе реагира слично и за Месут Озил и за Алексис Санчез, кои исто така на крајот од оваа сезона ќе станат слободни играчи.

Се вчитува...