Олимпијакос мораше повторно да се активира на пазарот по повредата на Рајт (крај на сезоната), а по преговорите со неколку кошаркари од Европа на крајот „црвено-белите“ од Атина тргнаа на шопинг во НБА-лигата.
Нејтан Менса од денеска е нов член на поранешниот европски првак, откако 26-годишниот центар од Гана потпиша договор до крајот на оваа натпреварувачка сезона, со опција за продолжување на соработката на уште една година. Менса е висок 210 сантиметри и треба да му биде од голема помош на тренерот Барцокас во ситуација кога повреден е Рајт, но и Мустафа Фал, па „црвено-белите“ го имаа само Милутинов на ценарската позиција на последните натпревари.
Станува збор за кошаркар кој има настапувано за неколку клубови во НБА-лигата, лани играјќи на 25 средби за Шарлот хорнетс со скромен просек од 1,3 поени по натпревар.
Од годинава тој е член на Сан Антонио спарс, од каде беше испратен во развојниот тим Остин спарс, тим за кој на 12 средби имаше просек од 5,4 поени, 6 скокови и 2,1 блокади по натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА