Олимпијакос и Ефес до убедливи победи во Евролигата

Олимпијакос со едно извонредно полувреме стигна до победа на гостувањето против Виртус Болоња, откако грчкиот гигант за само 20 минути игра го декласираше противникот, за на крајот да слави со конечни 70-92.

Пресудни беа првите две четвртини, по десет минути игра резултатот гласеше 14-34, а во вториот период Барцокас целосно ги одмори стартерите, но предноста на Олимпијакос скокна на 25 поени (29-54). Виртус ја доби третата четвртина со 25-14, но италијанскиот тим немаше сили за целосен пресврт, Олимпијакос рутински ги одработе последните десет минути за убедлив триумф на ова гостување.

Интересно, петмина кошаркари беа најефикасни кај Олимпијакос со по 12 поени, и тоа Везенков, Фурние, Питерс, Милутинов и Фал. Најдобар стрелец на Виртус Болоња во овој убедлив пораз беше Кординие со 15 поени.

Анадолу Ефес не виде мака на домашен терен против Алба, лесно славејќи над германскиот претставник со убедливи 98-73. Гостите од Берлин во ниту еден момент не беше опасност за турскиот гигант, во чии редови се истакна Нвора со 18, пред Смитс со 17 постигнати поени. Најефикасен во таборот на Алба беше Ветсел со 20 поени.

Се вчитува...