Олимпик Марсеј продолжува со ангажман на врвни засилувања со кои „сино-белите“ од Велодром ќе се обидат да му парираат на ПСЖ во француското првенство, но и достојно да се претстават во Лигата на Шампионите.
Откако Олимпик го потврди враќањето на Обамејанг, денеска официјализираше уште еден одличен трансфер, потпишувајќи договор со Игор Паишао. Станува збор за 25-годишен бразилски играч за врска кој доаѓа од редовите на Феенорд, а најдобра потврда за неговиот квалитет е фактот дека тој во мај годинава беше избран за најдобар играч на сезоната 2024/25 во холандското првенство.
Клубови од Премиер-лигата се обидуваа да го доведат Бразилецот во своите редови, но Олимпик успеа да ги финишира преговорите, нудејќи загарантирани 30 милиони евра плус пет милиони преку неколку клаузули.
Феенорд ја прифати понудата и даде зелено светло, по што Паишао експресно ги договори личните услови и денеска и официјално потпиша четиригодишен договор со Олимпик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

