Олимпискиот шампион Шабан Трстена додели уште пет „Златни олимписки оскари“ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Едно од најславните имиња на македонскиот спорт, олимпискиот шампион Шабан Трстена продолжувајќи ја својата традиција денеска во хотелот „Александар Палас“ по петти пати додели

Преку оваа манифестација Трстена секоја година се заблагодарува на неговите долгогодишни поддржувачи низ кариерата, но и по крајот на истата.

Оваа година добитници на „Златните олимписки оскари“ на Трстена се: новинарите Решат Ибраими и Атанас Кировски, публицистот Сефер Тахири, директорот на Градската болница „8 Септември“, Игор Костов како и продуцентот на филмот „Кобра“, Томи Салковски.

 

КОЈ Е ШАБАН ТРСТЕНА? – СКРОМНОТО МОМЧЕ ОД СИРОМАШНО СЕМЕЈСТВО ДО ВРВОТ НА СВЕТОТ ПОКОРУВАЈЌИ ГИ И НАЈМОЌНИТЕ СВЕТСКИ ДРЖАВИ

А, иако само малкумина можеби не знаат кој е Шабан Трстена, мало потсетување за момчето кое потекнува од „Јахја Паша“ во населба Чаир, Скопје, во време кога таму речиси сите улички биле неасфалтирани и со кал, во скромно маало со скромни куќи… На 1 јануари 1965 година, госпоѓата Садие го роди момчето кое подоцна, во текот на животот успеа да го покори светот со својот спортски успех. Иако ова дете се роди во скромно семејство, без многу  материјални добра, сепак имаше моќ да сонува големи соништа.

„Најважно, бидејќи никој не се родил како шампион, туку шампион се станува –  истото ова дете покажа дека  има уште една, уште поголема моќ – да работи напорно, да верува, да не се предава и да направи – соништата да станат реалност“ – ќе рече Шабан Трстена, кој секогаш потсетува на фактот дека ниту еден спортски успех не е случаен, а најмалку освојувањето на златен олимписки медал.

Шабан Трстена на патот до успехот ете и до денес се уште го држи рекордот за најмладиот борач кој на само 19 години, во 1984 година во Лос Анџелес пред преполна сала која навиваше за неговиот противник, оствари победа и го исполни олимпискиот сон стигнувајќи до златото. И четири години подоцна, на Олимпијадата во Сеул се најде меѓу најдобрите, го освои олимпиското сребро но овој пат и среќата не беше на негова страна бидејќи повредата на неговото колено му го отежна натпреварувањето и го спречи да ја одбрани титулата од Лос Анџелес.

„Јас, Шабан Трстена не се откажувам и не се предавам пред вас. Нема да потклекнам пред моќните држави, бидејќи имам голема доверба во мојата спортска душа и целосно убедување дека со голема работа и посветеност ќе стигнам до таму…..и, ќе ве победам….“ – е најпознатото движечко мото на Трстена.

Во текот на својата богата кариера, Трстена постигна вкупно 757 победи на светските арени низ целиот свет. Освои се што може да освои еден спортист: олимписки шампион, олимписки вицешампион, освојувач на осум медали од Европски првенства, два медали од Светските првенства, три медали од Балканските првенства и трикратен освојувач на Медитеранските игри.

Шабан Трстена беше прогласен и за Спортист на СФРЈ во 1984 година во конкуренција на огромен број врвни спортисти. Беше прогласен и за Спортист на милениумот во 2000 година. Двапати во неговата кариера е прогласен за најдобар борач на светот и Европа, и тоа во олимписките години кога освојува злато и сребро. Прогласен е и за Спортист на 20. век во Македонија, седум пати најдобар спортист на Македонија и десет пати најдобар спортист на Град Скопје.

Се вчитува...