Олимпискиот шампион Шабан Трстена се збогува со својот тренер Насе Насев

Македонскиот спорт денеска остана без еден од основоположниците на македонското борење, поранешен борач и тренер на БК „Спартак“ од Кочани, но и долгогодишен селектор на репрезентацијата на поранешна Југославија во најславните нејзини времиња, како и селектор на македонската репрезентација по независноста на земјата, Насе Насев кој почина на 80-годишна возраст по кратко боледување.

Со него се збогува и олимпискиот шампион Шабан Трстена, кој на социјалните мрежи напиша порака посветена за неговиот селектор.

„Драги спортски пријатели и цела нација на Македонија и на целиот свет, ја споделувам оваа жална вест со голема болка што ја примивме сите ние борачи а исто така и за сите македонски спортисти, особено за мене беше тежок момент, пред малку кога ми ја соопштија оваа голема жална вест во мојот живот. Шабан шампионе, ти се јавувам во овие моменти, големото срце на твојот тренер Насе Насев запре на 80 годишна возраст и тој засекогаш го напушти овој свет. За мене тоа беше навистина многу тешко да слушам и да се соочам со тоа дека мојот тренер веќе не е со нас. Со мојот легендарен тренер Насев Насев, ние поминавме заедно 20 години, освоивме се што може да освои еден спортист, од петте континенти на светот.

Се надевам дека Господ ќе го награди мојот најголем спортски тренер со највисока чест во рајот, најдобриот селектор во историјата на македонскиот спорт, кој беше прогласен за најдобар тренер во 20 век. Тоа е животот на овој свет, до пред неколку часа сте живи, а потоа за кратко го напуштате овој свет засекогаш. Само Големиот Бог знае каков е нашиот животен пат, затоа што сите сме гости на овој свет.

Што друго да кажам, за мојот легендарен тренер Насев Насев, може да се зборува и раскажува со денови и да не биде доволно, затоа неговата златна брилијантна спортска историја ќе живее вечно во спортот на Македонија и во светот. Легендарен тренеру и селектор, твојот спортски дух никогаш нема да умре, како што не умреа легендарниот мој тренер Хајруш Синани, докторот Милош Вучидолов со кои ние бевме 20 години заедно на сите спортски арени.

Сите овие спортски легенди го напуштија животот од оваа света земја. Господ нека ги помилува и нивните спортски души и нека ги награди со највисокиот чин во Рајот, Амин!

Со голема почит од  вашиот борач, олимписки шампион и спортист на 20 век Ш.Т.“, напиша Шабан Трсетна.

Се вчитува...