Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) во одбрана на својот план да се обиде да најде начин руските и белоруските спортисти да учествуваат на Олимписките игри во Париз следната година, вели дека најголемиот светски спортски настан не треба да предизвикува поделби и да ги исклучува спортистите.
ИОК претстави план кој ќе им овозможи на руските и белоруските спортисти да ја исполнат нормата за учество во Париз преку азиските квалификации, бидејќи им беше забрането да учествуваат во европските натпреварувања поради нападот на Русија врз Украина. Планот беше силно критикуван од многу европски земји, како и од САД, Канада и Австралија.
„Олимписките игри не можат да спречат војни и конфликти и не можат да се справат со сите политички и општествени предизвици на нашиот свет. Војната во Украина е во доменот на политиката, а Олимписките игри можат да бидат светски пример каде сите би ги почитувале истите правила. Тие можат да ја отворат вратата за дијалог и градење мир на начин на кој поделбите не можат. Нашата мисија отсекогаш била да промовираме мир преку спортот. ИОК останува посветен на таа мисија и на обединување на целиот свет во мирна конкуренција. Потребен е дијалог за да се изгради мир, натпревар кој ја почитува Олимписката повелба може да послужи како катализатор за дијалог, кој секогаш е првиот чекор кон постигнување мир“, соопшти МОК.
Во понеделникот, повеќе од 30 земји, вклучително и САД, Велика Британија и Франција, се залагаа за забрана за учество на руски и белоруски спортисти на меѓународни натпревари, а Украина се закани дека ќе ги бојкотира Игрите во Париз доколку им се дозволи на Русите да учествуваат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА