ОЛИМПИСКО СРЕБРО ЗА МАКЕДОНИЈА: Георгиевски поразен во финалето во Токио

Дејан Георгиевски испиша со сребрени букви нови страници во спортската историја на Македонија, откако нашиот таеквондист стигна до второто место во категоријата над 80 килограми на ОИ во Токио. По извонредните настапи на претходните три борби, македонскиот ас го загуби големото финале од Русинот Ларин со резултат 15-9. Рускиот фаворит делуваше импресивно во текот на целиот турнир, Георгиевски му содаде убедливо најголеми главоболки, но за жал и тоа не беше доволно за да се стигне до победата.

Рускиот репрезентативец беше подобар од почетокот на борбата, поведувајќи со 2-0 во првата од трите рунди. Георгиевски израмни на 2-2, но веднаш потоа следеше серија на Ларин, кој со два удари поведе со 7-2. Македонецот не се предаде продолжи со жестока битка во втората рунда, намали на 7-5, а потоа со одличен удар со нога во телото намали и на 9-7 пред самиот крај на рундата.

Судиите досудија уште еден казнен поен за Георгиевсски на стартот од последната рунда, носејќи му предност на Русинот од 10-7. Пресуден беше ударот на Ларин во главата на Георгиевски, со која Русинот поведе со 13-8 и си го трасираше патот до триумфот, изразен со конечни 15-9.

Поразот не ја намалува големината на успехот на македонскиот таеквондист, кој стана прв во историјата на нашата земја што стигнал до едно олимписко финале. На 22 години, јасно е дека пред Дејан Георгиевски е блескава иднина во која тој и на наредните големи натпреварувања ќе биде сериозен адут на Македонија.

Владислав Ларин

Се вчитува...