Оливер Кан е пред отказ: Ова се трите грева што Баерн нема да ги прости на клупската легенда

Елиминацијата од Манчестер Сити само ја зголеми бурата од незадоволство во Баерн Минхен, а прв на удар се очекува да се најде директорот Оливер Кан, кој во најскоро време (најдоцна до крајот на сезонава) би требало да добие отказ од функцијата прв човек на клубот. Кан го наследи Румениге на оваа функција, но воопшто не ги оправда очекувањата, па во последно време се најде на удар и на јавноста, на навивачите, но и на други членови на управата на клубот.

Германските медиуми јавуваат дека денеска биле водени низа состаноци на кои се дискутирало за иднината на легендарниот голман, тој го „преживеал“ денешниот ден, но општ впечаток е дека деновите на чело на клубот му се избројани.

Како што пишува влијателниот весник „Билд“, три грева останатите членови на управата не сакаат да му ги простат на Оливер Кан.

1. Не ги исполни барањата на Давид Алаба и го пушти да си замине како слободен играч во Реал Мадрид во 2021 година. Потоа вложи огромни 120 милиони евра во Упамекано и Де Лихт.

2. Ангажманот на Јулијан Нагелсман, со рекордна отштета кога станува збор за еден тренерски трансфер. Младиот стратег не ги оправда очекувањата, на крајот доби отказ, но луѓето од управата не забораваат дека токму Кан (а не Салихамиџиќ, како што се веруваше) инсистирал на ангажман на тренерот на Лајпциг. Кан сега го избрал и Тухел, кој исто така не ги оправдува очекувањата.

3. Најголемиот грев на Оливер Кан дефинитивно е водењето на лоши преговори со Роберт Левандовски, што резултираа со заминување на Полјакот во Барселона. За проблемите да биде уште поголеми, првиот човек на клубот реши да не донесе нов класичен напаѓач на тимот, целиот притисок падна врз „вечната резерва“ Чупо Мотинг, кој иако игра сосема солидно сепак е недостојна замена за Левандовски, особено на клучните натпревари.

Се уште е неизвесно дали со Оливер Кан од клубот ќе си замине и директорот Салихамиџиќ, што лесно може да се случи со оглед на блиските врски на двајцата поранешни фудбалери на Баерн.

Се вчитува...