Оливер Кан ќе го спасува уништениот гигант од Франција

Легендарниот германски голман Оливер Кан, по повлекувањето од директорската позиција во Баерн Минхен во јули 2023 година, сега повторно се враќа на фудбалот, но сега во ситуација да спасува поранешен француски гигант.

Веќе извесно време низ француските медиуми се шпекулира дека легендарниот голман би можел да го преземе уништениот гигант Бордо, кој во минатото беше еден од најголемите клубови во Франција. Бордо е шесткратен шампион на Франција со бројни легенди кои настапувале за овој клуб, како Зинедин Зидан, Паулета, Лизаразу…

Но, клубот на 25 јули минатата година прогласи банкрот поради лошото управување и огромниот долг. На 1 август 2023 година и официјално го загубија статусот на професионален клуб и беа префрлени во четвртата лига на францускиот фудбал, лигата „Национал 2“, каде сега се натпреваруваат во групата Б.

Нивниот сегашен долг се проценува на повеќе од 100 милиони евра. Па, затоа спасот го гледаат во поранешниот голман на Карлсруе, Баерн Минхен и репрезентацијата на Германија, Оливер Кан. Тој за германски „Билд“ потврди дека има отворено можности да го преземе францускиот клуб, купувајќи го мнозинскиот пакет.

„Во моментов сме во почетната фаза од преговорите, наскоро ќе знаеме повеќе работи“ – изјави Кан.

Сегашниот мнозински сопственик на Бордо е бизнисменот Жерар Лопез, кој е во клубот од јуни 2021 година. Останува да се види со каква улога ќе влезе легендарниот Кан во клубот и дали ќе успее да ги врати на старите славни патеки.

Она што е интересно е дека првиот трофеј на Кан освоен во дресот на Баерн Минхен е против Бордо, Купот на УЕФА во 1996 година.

Се вчитува...