Барселона цел месец се мачеше да обезбеди средства за да го регистрира договорот на Дани Олмо за големиот ас да може да настапува за каталонскиот гигант во вториот дел од сезонава. Претседателот Лапорта не успеа во својата намера, па Олмо од вчера практично и не е фудбалер на Барса и не само што може да си замине од каталонскиот гигант без отштета, туку и да си ги бара сите пари од петгодишниот договор потпишан минатото лето.
Сепак, поранешниот фудбалер на Лајпциг јасно стави до знаење дека не планира да го сврти грбот на каталонскиот гигант. Впрочем, тој вчера меѓу првите се појави во тренинг-комплексот на Барселона и работеше со остатокот од екипата. Олмо е решен да му даде шанса на Лапорта да ги разреши финансиските проблеми и да најде излез од оваа несакана ситуација.
Раководството на Барселона е убедено дека за десетина дена проблемот ќе биде надминат и Олмо заедно со Пау Виктор ќе биде регистриран за настап, па плејмејкерот планира да работи напорно во овој период чекајќи да добие зелено светло за да се врати и на терен во тимот на Барселона.
Тој сигурно ќе го пропушти завршниот турнир од Супер-купот на Шпанија што ќе се игра од 8 до 12 јануари во Саудиска Арабија, каде Барса во полуфиналето ќе се сретне со Атлетик Билбао, а во втората полуфинална пресметка силите ќе ги одмерат Реал Мадрид и Мајорка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА