Директорот на Шкупи, Омер Буњаку најостро ги осудува денешните случувања на натпреварот меѓу Шкупи и Шкендија на Чаир во четвртфиналето од Купот на Македонија.
Натпреварот доживеа само десет минути кога беше прекинат поради срамниот упад од страна на дел од навивачите на Шкупи и на терен, и хаосот кој потоа настана. Беа нападнати и фудбалерите на Шкендија, специјалните единици на полицијата мораа да интервенираат, па на крај фудбалерите на двете екипи се повлекоа од терен.
„Се срамам од сето тоа што денеска го видов на нашиот стадион. Клуб со огромна историја како Шкупи, со традиција и градска култура не смее да си го дозволи тоа. Ова воопшто не е љубов кон клубот, кон навивачката група, кон градот или нацијата… Ова е срам за сите нас, и затоа најостро ги осудувам сите оние кои влегоа на терен и го предизвикаа инцидентот, а им благодарам на сите кои придонесоа ситуацијата да се смири и да не дозволиме да има и повредени. Ова треба да биде само фудбал и спортски натпревар. Што ќе ни се и победи, и титули, ако има повредени?“ – вели Буњаку.
Фудбалската федерација на Македонија, денеска на вонреден состанок на Комисијата за натпреварување, го регистрираше натпреварот со службена победа од 0-3 за Шкендија која оди во полуфиналето на Купот. Теренот на стадионот во Чаир е суспендиран, а клубот е даден на Дисциплинската комисијата во очекување на дополнителните казни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА