Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, вечерва во новогодишно интервју на подкастот на Фудбалската федерација на Македонија зборуваше за многу теми, поврзани со мак-фудбалот.
Меѓу другото тој говореше и за промената на Благоја Милевски на селекторското место во А тимот, велејќи дека првично воопшто не постоела намера за негова промена, но тешкиот пораз во Кардиф бил клучниот момент што ги навел челниците на федерацијата сериозно да размислат за ново решение.
„Не ми е јасно зошто изборот на селектор предизвикува толку внимание – тоа е сосема нормален процес. Во фудбалот селекторите се менуваат насекаде. Првично не беше планирано, дури разговаравме и за продолжување на договорот, но дојде тој завршен период и резултатот во Кардиф. Боби беше селектор на голем дел од овие фудбалери и во младата репрезентација, со некои од нив соработува речиси десет години. Токму поради тоа проценивме дека е време за свежа енергија. Милевски имаше и одлични и послаби резултати – тоа е нормално во спортот. Секогаш беше коректен и скромен. Сметавме дека со нов импулс ќе имаме поголеми шанси во баражот. Дали ова е вистинската одлука ќе покаже времето, бидејќи во спортот нема гаранции“, изјави Омерагиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

