Омерагиќ е „златното момче“ на Вардар за есенска круна (ВИДЕО)

Вардар е новиот есенки првак. Лидерот на табелата успеа да триумфира против Македонија ЃП на гостински терен, и така да ја одбрани првата позиција, на која ќе презими до почетокот на пролетниот дел од сезоната, кога ќе се обиде да дојде до титулата во ПМФЛ.

Натпреварот можеше да има сосема поинаков епилог, откако гостите се намачија да стигнат до пресврт, откако имаа негатива на стартот од вториот дел.

Вардар имаше најмалку шест сериозни шанси во првиот дел. Најпрво се закани Најдовски, потоа Омерагиќ, но двата обиди ги одбрани Јанков. Имаше шанса и Талевски чиј шут заврши крај голот, па Закариќ со лоб удар, но топката се заглави во калта, па повторно Закариќ крај голот, и одново истиот играч, и ударот му го одбрани Јанков.

На стартот на вториот дел сосема спротивна слика. Софијановски се најде во супер шанса, неговиот удар заврши милиметри крај голот иако излезе сам пред Ќосевски. Тоа како да не беше сериозна опомена за „црвено-црните“, па во 54. минута Еступијан носи предност за домашните. Адем испрати супер топка до Колумбиецот, кој успеа да го совлада Ќосевски.

Иницијативата на Вардар продолжи, па избраниците на Гоце Седлоски брзо излегоа од овој шок. Најпрво Омерагиќ во 63. минута доби топка од Кастањеда и успеа да го совлада Јанков. Само три минути подоцна истиот играч стрелаше за пресврт. Овој пат доби топка од Данев, и максимално ја искористи шанса да реализира во мрежата за пресврт.

Македонија ЃП до крајот имаше шанса да израмни, но не ја искористи, по што дојде и последниот свиреж на судијата, по кој Вардарци почнаа со славјето на есенската круна.

Се вчитува...