На прес-конференцијата веднаш по одржаното Редовно Собрание на ФФМ, првиот човек на Фудбалската федерација, Масар Омерагиќ одговораше и на темата околу прозивките на директорот на националните селекции во федерацијата, Горан Пандев.
Во дел од јавноста изминатиов период се потенцираше молкот на Горан Пандев околу македонскиот фудбал кој, пак, претходно беше постојан критичар на состојбите во фудбалот, само поради тоа што сега има финансиска корист од ФФМ која ги користи услугите на неговиот хотел во Струмица за потребите на националните селекции.
„Среќен сум што конечно можам да одговорам на оваа тема. Треба да биде јасно. ФФМ користи услуги на неколку хотели во државата. Во Скопје тоа се хотел Парк и понекогаш хотел Русија за футсал селекциите, како и хотел Белви и хотел Карпош за помладите категории, а посебен е односот со хотел Хилтон, кој е и наш спонзор, а го користи А-репрезентацијата… Соработуваме со хотел Инекс и хотел Силекс во Охрид, два хотели во Битола, и хотел Истатов во Дојран. И оваа година хотел Пандев со стадионот Младост и стадионот во Турново, се наша база за дел од националните селекции“ – истакна Омерагиќ и дополни:
„Имаше прозивка за Пандев дека сега молчи за состојбите во македонскиот фудбал, заради сопствениот финансиски интерес со хотелот во својот роден град… Јас само ќе кажам. Горан Пандев е една од најголемите легенди на македонскиот фудбал, и редок од нив кој одлучил да вложува во фудбалот во својата земја. И, ако се направи компарација со ‘Куќата на уметноста’ крај Кичево каде во минатото постојано беа националните селекции, а каде немаше ниту терен во близина, ниту минимални услови за подготовка, сега сите знаат и тоа го нагласуваат дека условите во хотелот Пандев во Струмица се многукратно подобри. И сето тоа за многу пониски суми од оние кои се трошеле претходно за разно-разни хотелчиња по шуми. Затоа и дел од нашите кампови ги носиме во хотелот Пандев“.
Претседателот на ФФМ нагласи дека, покрај тоа што основно се условите за работа кои се на далеку повисоко ниво, Македонија и ФФМ имаат и некоја минимум морална обврска да се оддолжат и кон лица кои дале многу и се уште вложуваат во фудбалот.
„Да, и ние ќе бидеме и понатаму во тие хотели, поради и мало оддолжување на една таква личност која дала многу за македонскиот фудбал. А, на Горан Пандев не му треба никаква финансиска поддршка или финански интерес како што било тоа во минатото кога многу лица биле во федерацијата само поради финансиски интерес. И да, ние ќе продолжиме да го почитуваме Пандев, и хотелот да го користиме за многу помалку финансии од оние кои се давале претходно. Тоа е најмалку што може да направиме и за таква личност, исто како што ќе го користиме и хотелот Истатов во Дојран, затоа што и тоа е најмалку што може да направиме и за личност како Благој Истатов кој оставил многу за македонскиот фудбал“ – рече Омерагиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

