Омерагиќ: Милевски ја добива поддршката, било каква промена во националниот тим би била нефудбалска одлука!

Новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ максимално активно го стартуваше раководењето со најголемата домашна спортска федерација, уште низ првите неколку денови од изборот на чело на ФФМ со серија одлуки преку кои се најавува нова ера во домашниот фудбал.

За јавноста, пак, без сомнение, секогаш најинтересна е темата околу А-репрезентацијата, која некако традиционално, исправно или не, се смета за огледало на работата на фудбалската федерација. И во новогодишното интервју за домашните медиуми, Масар Омерагиќ одговараше на прашања поврзани со националниот тим нагласувајќи дека по успешните резултати изминатата есен апсолутно нефудбалска би била било каква промена во репрезентацијата.

„Јавноста знае дека Фудбалската федерација на Македонија и А-репрезентацијата се институции. Носењето одлуки во едни такви институции не може да биде под емоции. Мора секогаш да се носат одлуки без емоции и кои се разумни. Факт е дека во одреден период имавме одредени лоши игри и резултати. Но, од фудбалски аспект тоа и беше разбирливо затоа што имавме период во кој една генерација која се пласираше на ЕП 2020 доживеа зенит, се откажа од репрезентацијата лидерот и капитен Горан Пандев, а потоа некои наши клучни играчи променија клупски средини и од стандардни првотимци се доведоа во ситуација да бидат повеќе резерви отколку да играат. Сето тоа се рефлектираше и на игрите во репрезентацијата. Но, за волја на вистината последниот период имавме во серија добри резултати, без разлика на јачината на противниците, затоа што ние не сме во состојба да си се прогласуваме за светска велесила. Завршивме први во Лигата на нациите со пласман во повисок ранг, сега не очекуваат квалификации за СП, и на два-три месеци пред почеток на квалификации било каква промена во А-репрезентација е нефудбалски потег кој може само да му нанесе штета на репрезентативниот фудбал и директно на националниот тим. Јас длабоко верувам во оваа генерација фудбалери и навистина треба да се даде вистинска шанса. Селекторот Милевски е тој кој со нив ги постигна овие резултати, и тоа што е значајно за сите нас е да им дадеме поддршка и да се обидиниме околу репрезентацијата затоа што таа е нашиот амбасадор кој не претставува пред светот. Затоа било каква одлука која се носи околу А-репрезентацијата треба да биде издржана и врз основа на реалната состојба“ – истакна меѓу другото првиот човек на ФФМ во празничното интервју.

КОМПЛЕТНОТО ИНТЕРВЈУ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ФФМ, МАСАР ОМЕРАГИЌ, ЌЕ МОЖЕ ДА ГО ЧИТАТЕ ВО ТЕКОТ НА УТРЕШНИОТ ДЕН

Се вчитува...