Омерагиќ: Од срце им честитам на фудбалерите и стручниот штаб, да продолжиме заедно со верба за Македонија

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ им честиташе на фудбалерите и стручниот штаб за победата против Лихтенштајн на стартот од квалификациите за Светското првенство 2026, која е извојувана во исклучително тешки моменти за Македонија по ужасната трагедија во Кочани.

Токму затоа овој триумф носи и повик за заедништво во иднина за продолжување на пабедничкиот пат.

„Сакам од срце да им честитам на нашите фудбалери за победата, карактерот и борбеноста. Ова е победа која ја заслужија – фудбалерите, стручниот штаб и нашите навивачи, кои уште еднаш покажаа дека се најдобрите на светот. Благодарност до сите“ – истакна Омерагиќ по мечот во Вадуц.

Првиот човек на ФФМ уште еднаш потврди дека целокупниот приход од следниот натпревар на Македонија против Велс во вторник (25 март), кој од 20:45 часот го играме на арената „Тодор Проески“ во Скопје, ќе биде за семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.

„Во овие тешки моменти, нашите мисли се со семејствата на настраданите во големата трагедија во која животот го загубија многу млади луѓе. Како знак на поддршка и солидарност, сакам да најавам дека приходот од влезниците за нашиот следен натпревар против Велс ќе биде дониран за повредените и семејствата на загинатите. Ова е време кога фудбалот покажува дека е повеќе од игра – фудбалот и репрезентацијата обединуваат и помагаат.Да продолжиме заедно, со срце и со верба за Македонија. Се гледаме во вторник на Националната арена” – порача Омерагиќ.

Се вчитува...